Skip to main content

Агенција за обезбедување

безбедносна проценка Бранител Македонија

Безбедносна проценка - основа за правилно планирање на обезбедувањето

Кога се зборува за безбедност на деловен или индустриски објект, првото прашање често е: Колку обезбедувачи ни се потребни? Или: Колку камери треба да поставиме? Но, тоа не се првите прашања на кои треба да се даде одговор. Уште во првата фаза неопходно е да се направи квалитетна безбедносна проценка, еве и зошто.

Безбедносната проценка не е формалност пред изготвување понуда. Таа е основа врз која треба да се гради планот за обезбедување.

Пред да се одреди бројот на обезбедувачи, позициите на кои ќе бидат распоредени, бројот и местоположбата на камерите, потребата од алармен систем, контролата на пристап или начинот на патролирање, потребно е да се разбере од што всушност треба да се заштити објектот.

безбедносна проценка Бранител Македонија

Што е безбедносна проценка?

Безбедносната проценка е структуриран процес со кој се идентификуваат потенцијалните закани и ранливости, се проценуваат можните последици и се анализираат постојните безбедносни мерки.

Во суштина, нејзината цел е да одговори на неколку клучни прашања:

  • Што штитиме?
  • Од што треба да го заштитиме?
  • Каде се слабостите?
  • Колку е веројатно да се искористат?
  • Какви би биле последиците?
  • Што треба да направиме за да го намалиме ризикот на прифатливо ниво?

Овој пристап е во согласност со пошироките принципи на управување со ризик, каде што ризикот не се разгледува изолирано, туку преку идентификација, анализа, проценка, третман, следење и комуникација на ризиците.

Затоа безбедносната проценка не треба да се меша со едноставна обиколка на објектот. Да се види каде се влезовите, каде се камерите и каде стои обезбедувачот е само дел од работата. Вистинската вредност е во поврзувањето на тие информации со начинот на кој објектот функционира и со ризиците на кои е изложен.

Зошто е потребна безбедносна проценка?

Секој објект има различна намена, различна организација, различни корисници и различни ризици.

Дури и два објекти со иста намена можат да имаат сосема различни ризици поради нивната локација, распоред, број на луѓе, работно време, вредноста на имотот, начинот на прием на стока, движењето на возила, соседството или начинот на кој се организираат процесите.

Затоа професионалното планирање на безбедноста треба да започне со реалната состојба и реалните ризици на конкретниот објект, а не со однапред избрано решение.

Кога треба да се направи безбедносна проценка?

Безбедносната проценка не е потребна само кога веќе се случил инцидент. Напротив, нејзината најголема вредност е токму во превентивниот пристап. Особено е корисна:

  • пред ангажирање агенција за обезбедување;
  • при отворање нов објект;
  • при преселување или проширување на постојниот објект;
  • при промена на начинот на работа;
  • при воведување нови технологии или системи;
  • по значајна промена во бројот на вработени или посетители;
  • по инцидент или серија помали безбедносни отстапувања;
  • кога постојниот систем повеќе не одговара на реалните потреби.

Исто така, ризикот не е статичен. Со промената на објектот, неговото работење, околината или начинот на кој луѓето го користат, може да се променат и неговите безбедносни потреби.

Затоа безбедноста не треба да се планира еднаш и да се смета за завршена работа.

безбедносна проценка на објекти

Што опфаќа една квалитетна безбедносна проценка?

Нема една универзална листа која е подеднакво применлива на секој објект. Обемот на проценката треба да се прилагоди на неговата намена, големина, комплексност и ризичен профил.

Сепак, една сериозна безбедносна проценка може да опфати повеќе меѓусебно поврзани области.

1. Локација и непосредно опкружување

Се разгледува каде се наоѓа објектот, какво е неговото непосредно опкружување, како изгледа пристапот до него и кои надворешни фактори можат да влијаат врз безбедноста. Се анализираат пристапните патишта, соседните објекти, паркингот, околниот простор, осветлувањето, можностите за прикриен пристап и други карактеристики на локацијата.

2. Периметар и физички пристап

Се разгледува како е дефинирана границата на објектот и колку е контролирано движењето кон него. Тоа може да вклучува ограда, капии, рампи, паркинг, сервисни пристапи, итни излези, врати, прозорци и други потенцијални точки преку кои може да се оствари пристап. Потребно е да се утврди која е нивната функција, кој ги користи, во кое време, како се контролираат и што се случува доколку контролата биде заобиколена.

3. Контрола на пристап

Кој има право да влезе, каде може да се движи, во кое време и под кои услови, вклучувајќи и вработени, посетители, добавувачи, сервисери, возачи, изведувачи и други лица. Се анализираат и процедурите за регистрација на посетители, привремени пропусници, пристап надвор од работното време, пристап до ограничени зони, управување со клучеви и други средства за пристап.

4. Луѓе, движење и оперативни процеси

Објектот не е статичен простор. Во него се движат луѓе, возила, стока, документи и опрема. Некои активности се одвиваат само во текот на денот, други и во ноќни смени. Затоа проценителот треба да разбере како објектот навистина функционира.

  • Каде пристигнува стоката?
  • Кој ја прима?
  • Каде се движат посетителите?
  • Кои простории се критични?
  • Кои активности се одвиваат во ноќните часови?
  • Каде се собираат поголем број луѓе?
  • Каде може да настане застој или губење на контролата?

Овие информации можат да откријат ризици кои не се видливи ако објектот се разгледува само како физичка структура.

5. Постојни физички и технички мерки

Се анализираат постојните мерки за заштита: физички бариери, брави и врати, осветлување, видео-надзор, алармни системи, контрола на пристап, комуникациски средства и други релевантни системи. Но, важно е да се утврди не само дали постои одредена технологија, туку дали таа навистина ја исполнува својата функција.

Камера што постои, но не покрива критична зона, не е исто што и ефикасна видео-надзорна мерка. Исто така, алармен систем без соодветна процедура за реакција не ја дава истата заштита како систем кој е поврзан со јасно дефиниран процес на мониторинг и интервенција.

6. Обезбедување и организација на работата

Ако е ангажирано физичко обезбедување, проценката треба да покаже каде, кога и зошто е потребно присуство на обезбедувач.

Тоа може да опфати:

  • број и распоред на обезбедувачи;
  • позиции;
  • работни смени;
  • контролни точки;
  • патролни рути;
  • начин на примопредавање на смена;
  • комуникација;
  • известување и евиденција;
  • постапување во различни ситуации;
  • координација со мониторинг центарот и други релевантни служби.

Целта не е едноставно да се постави „одреден број луѓе“, туку нивната работа да биде организирана според реалните потреби и ризици на објектот.

безбедносна проценка - број на обезбедувачи

Проценката на ризик не е само „што може да се случи“

Една од најважните разлики меѓу површна и професионална проценка е што нејзината цел не е да направи бесконечна листа на можни проблеми. Речиси секогаш можеме да замислиме нешто што би можело да се случи. Прашањето е: кои ризици се релевантни, колку се значајни и на кои треба да се даде приоритет?

Во проценката се земаат предвид различни фактори: природата на заканата, постојните ранливости, веројатноста за настанување и можните последици. Последиците не мора да бидат само материјална штета, тие може да се однесуваат на луѓето, работењето, имотот, финансиските загуби и континуитетот на операциите.

Кој може квалитетно да изработи безбедносна проценка?

Ова е можеби најважниот дел кој често се занемарува. Безбедносната проценка не е поминување низ објектот и пополнување чек-листа. Потребно е проценителот да има познавање на физичката безбедност, проценката на ризик, процедурите, технологијата, организацијата на обезбедувањето и начинот на кој различните мерки функционираат заедно.

Потребно е и искуство затоа што многу слабости не се очигледни.

Квалитетната проценка е комбинација од методологија, стручно знаење, набљудување, анализа и практично искуство. Затоа што управувањето со ризик е структуриран процес, а не еднократна интуитивна проценка.

Бесплатна безбедносна проценка од ИСГ Бранител Македонија

Во ИСГ Бранител Македонија безбедносната проценка е составен дел од процесот на планирање на обезбедувањето.

Пред да подготвиме понуда и план за обезбедување, го анализираме објектот, активностите што се одвиваат во него, потенцијалните ризици и постојните или потребните безбедносни мерки. Врз основа на проценката ги дефинираме организацијата на обезбедувањето и ресурсите потребни за конкретниот објект.

Со повеќе од 20 години искуство во физичко и техничко обезбедување, кон секој објект пристапуваме според неговите карактеристики и реални безбедносни потреби, а не според однапред зададен шаблон.

Кај нас, безбедносната проценка ја добивате бесплатно, пред изготвување на понудата и планот за обезбедување.

Затоа што доброто обезбедување не започнува со добра понуда , туку со професионална и квалитетна проценка.

🇲🇰 MK🇬🇧 EN